Рехабилитација после пад, фрактура или операција во дом за стари лица

Рехабилитација кај старите лица претставува еден од најспецифичните процеси во физиотерапијата со цел враќање на функционалноста, независноста и подобрување на квалитетот на живот. Падовите, фрактурите и хируршките интервенции се чести кај оваа популација како резултат на намалена мускулна сила, нарушена рамнотежа, остеопороза и хронични заболувања. Меѓутоа со навремена и правилно спроведена физиотерапија, закрепнувањето може да биде брзо, безбедно и високо ефикасно.

Зошто рехабилитацијата во дом за стари лица е клучна?

Домовите за стари лица обезбедуваат уникатно опкружување кое овозможува континуирана нега, следење  на здравствена состојба и тимски пристап – физиотерапевт, медицинска сестра, негувател.

Кај старите лица дури и краткотрајната имобилизација води до:

  • Брза загуба на мускулна маса
  • Намалена аеробна способност
  • Ризик од декубити и респираторни компликации
  • Психолошка регресија, страв од одење и нов пад
  • Нарушена рамнотежа и координација

ФАЗИ НА РЕХАБИЛИТАЦИЈА

  1. Акутна фаза(времетрање: првите денови до првата недела) – целта е превенција од компликации и подготовка за мобилизација, а клучните интервенции се:
    • Респираторни вежби
    • Нежни активни и пасивни движења
    • Изометриски вежби
    • Контролирана мобилизација
    • Контрола на болка и едем

Во оваа фаза пациентот најчесто има страв и недоверба во сопственото тело, па затоа емпатичната комуникација е еднакво важна како и физичките вежби.

  1. Субакутна фаза(времетрање: 1-6 недели) – целта е постепено враќање на силата, стабилноста и самостојноста, додека интервенциите кои се применуваат се:
    • Теренско одење со помошни средства
    • Тренинг за рамнотежа
    • Функционални активности
    • Прогресивно зајакнување
    • Флексибилност

Во субакутната фаза пациентот постепено преминува од основна мобилизација кон функционални движења, каде повторно учи станување, одење и контрола на телото во просторот.

  1. Хронична/функционална фаза(времетрање: 6 недели до неколку месеци) – целта е враќање на функционалниот капацитет и превенција од идни паѓања, додека напредните интервенции вклучуваат:
    • Комплексни моторни задачи
    • Тренинг на сила со отпор
    • Аеробен тренинг
    • Тренинг за когнитивно – моторна интеграција
    • Обука за безбедно движење

Во оваа фаза се воспоставува контрола над основните движења, а пациентот повторно учи да му верува на сопственото тело. Како напредува силата и рамнотежата, така се намалува потребата од помош, а секојдневните активности стануваат побезбедни и поизводливи.

РЕЗИМЕ

Рехабилитацијата после пад, фрактура или операција во дом за стари лица не е само “вежбање“, тоа е комплексен, научно заснован процес кој вклучува:

  • Медицинска стабилизација
  • Моторна и функционална рехабилитација
  • Психолошка поддршка
  • Превенција од идни падови
  • Тимска комуникација и континуирана грижа

Рехабилитацијата после пад, фрактура или хируршки зафат е комплексен процес кој бара истовремена медицинска стабилизација, контролирана мобилизација, психолошка поддршка како и континуирано следење на напредокот. Домовите за стари лица играат огромна улога бидејќи обезбедуваат средина каде терапијата може да се спроведува секојдневно, под надзор на стручен тим. Индивидуално структуираниот пристап го намалува ризикот од нови паѓања, спречува појава на компликации како контрактури, атрофија на мускулатурата или респираторни проблеми и овозможува повисоко ниво на безбедност отколку што би било возможно во домашни услови. Дополнително, социјалната интеракција со персоналот и останатите корисници има позитивно влијание врз расположението, мотивацијата и општото психичко здравје на пациентот.

Во домот пациентите може да добијат персонализирана програма која се прилагодува секојдневно според нивните подобрувања и предизвици, што значително го забрзува напредокот. Функционалните тренизни се изведуваат во реални услови – соба, ходник, трпезација што ги подготвува пациентите за безбедно функционирање во секојдневниот живот.

На крај, рехабилитацијата не е само враќање на движењето, туку и враќање на самодовербата, автономијата и квалитетот на живот. Кај старите лица тоа значи повеќе сигурни чекори, повеќе самостојност и повеќе достоинствено секојдневите – нешто што секој пациент го заслужува.

Напиша: Елена Ефремова – дипломиран физиотерапевт специјализиран за неврорехабилитација