
Деменцијата претставува хроничен синдром чија карактеристика е опаѓање на интелектуалниот капацитет на личноста кој се отсликува преку губење на способноста за помнење(меморија), рационалното размислување како и нарушена просторна и визуелна снаодливост. Во склоп на истата настануваат и се вбројуваат и мноштво други карактериски, а дел од нив се: неможност за препознавање/распознавање на лица, губење на внимание, концентрација и фокусирање на активности, присуство на негативни емоции како раздразливост, нервоза, лутина и нетрпение.
Кои се најчестите ризик фактори?
Ризик фактори за појава на деменција се висок крвен притисок (хипертензија), дебелина(обезност), лоши животни навики како пушење, алкохолизам, физичка неактивност и асоцијалност. Во однос на етиологијата деменцијата е полиетиолошка и се јавува како резултат на дегенеративни, васкуларни, генетски и метаболни нарушувања, но истата може да настане и поради трауми, инфекции, интоксикации итн.
Најчести форми на деменција
Меѓу најчестите форми на деменција се вбројуваат Алцхајмерова болест, Васкуларна деменција, Фронтотемпорална деменција и Деменција со тела на Луи.
Алцхајмеровата болест е водечко прогресивно невродегенеративно заболување и е најчестата форма на деменцијата. Истата се карактеризира со значително опаѓање на интелектуалните функции, кое најчесто започнува со растројство во помнењето.
Васкуларната деменција е причинета од оштетување на крвните садови во мозокот најчесто како резултат на мозочен инсулт. Кај пациентите предизвикува пад на спознајните способности, кој варира во зависност од оштетувањето на мозокот.
Карактеристиките при Деменција со телата на Луи се когнитивен дефицит, визуелни халуцинации, паркинсонов синдром и значителни нарушувања во просторната ориентација. Болеста се јавува како резултат на абнормални наслаги на протеинот алфа – синуклеин кој предизвикува хемиски промени во мозокот кои го нарушуваат рационалното размислување, движење и однесување.
Фронтотемпоралната деменција се однесува на прогресивен пад на невронските клетки во фронталниот и темпоралниот лобус. Ваквото оштетување предизвикува губење на функцијата во овие мозочни регии при што се јавува нарушено однесување, јазичен дефицит и моторна симптоматика.
Деменцијата може да се јави и во склоп на други нарушувања како: Паркинсонова болест, Прогресивна супрануклеарна парализа, Кортикобазална дегенерација итн.
3 стадиуми на деменцијата
Деменцијата брои 3 стадиуми и тоа: лесен, умерен и тежок стадиум. Кај лесниот стадиум се забележува намалување на концентрацијата и губење на вниманието, како и влијание врз меморијата и намалување на можноста за извршување на активности од секојдневниот живот.
Умерениот стадиум се карактеризира со трајно губење на меморијата, неповратно опаѓање на менталните способности, возбудливо однесување пропратено со неконтролирано зборување на висок тон како и зголемување или намалување на апетитот. Тешкиот стадиум на деменција се отсликува со губење на способноста за самостојно хранење и одбивање на храна, неможност за одење, социјално изолирање како и уринарна инконтиненција и дефекација.
Кинезитерапија
Од аспект на кинезитерапијата, истата се применува во сите 3 стадиуми, земајќи ја во предвид целокупната здравствена состојба на пациентите и пристапувајќи индивидуално кон секој еден од нив.
Вежбите кои се во склоп на лесниот и умерениот стадиум вклучуваат аеробни активности (пешачење, танцување), активни и пасивни вежби (за олеснување на општата мобилност, зголемување на подвижноста на зглобовите и превенција на контрактури како и превенција од паѓање), когнитивна рехабилитација (вклучувајќи активности од различни полиња од секојдневниот живот) и масажа.
При тешкиот стадиум на деменција, кинезитерапијата се вклучува со вежби за подобрување на мускулната сила и координација, а и со лесни активности од секојдневниот живот на пациентот. Бидејќи во тешкиот стадиум на деменција пациентите поголемиот дел од денот го поминуваат во лежечка позиција, се применуваат вежби за дишење (респираторна гимнастика), за превенција од респираторни болести.
Ефектите и придобивките од кинезитерапијата се регистрираат преку намалување на симптомите и прогресивноста на болеста, намалување на постуралната нестабилност и подобрување на држењето на телото, поголема снаодливост во секојдневниот живот, подобрување на социјалниот живот и воопшто подобрување и унапредување на квалитетот на живот.
Кратко резиме
Навременото откривање на деменцијата придонесува за подобар пристап кон индивидуата засегната од истиот, со тоа што би се намалил интензитетот и прогресијата на болеста. Неврорехабилитацијата користи современи пристапи за намалување на напредокот на функционалните нарушувања и превенција од доцните компликации на болеста со прилагодлива и индивидуално ориентирана програма.
За авторот:
Елена Ефремова
Физиотерапевт, специјалист во областа на неврорехабилитација
За сите евентуални прашања, ве охрабруваме да стапите во контакт со нас преку посета на нашата официјална КОНТАКТ страница.