Кинезитерапија кај повозрасна популација – Бенефиции, совети

Надминувањето на 65-ата година кај жените и 70тата година кај мажите е под предмет на геронтологијата т.е наука за староста. Геронтологијата во пракса може да се подели на две фази и тоа: прва фаза во која има значителен пад на моторичките способности и кај двата пола до 80 годишна возраст и втора фаза која е наречена уште длабока старост во чија група припаѓаат сите лица кои наполниле 80 години. Во првата фаза во која има сериозно опаѓање на моторичките функции кај оваа категорија често пати може да се слушне дека истите треба повеќе време да поминуваат во одмарање одошто во активност, кое е многу погрешно тврдење.

Поради значителниот пад односно силната прогресија и влијанието на природниот процес на староста, за да се поднамали прогресијата на истата неопходна е токму физичка активност.

Под физичка активност може да се подразбира активности од секојдневието(окупациона терапија) или кинезитерапија односно вежби предводени од квалификуван кадар физиотерапевт или кинезиолог.

Бенефиции од физичката активност во геријатријата

Физичката активност во текот на годините а особено кај старите лица е од исклучителна важност и истата треба да е интегрирана во секојдневната рутина кај секој поединец. Постојат бројни придобивки од тоа дека го подобруваат и унапредуваат општото здравје, полесно извршување на секојдневните лични обврски, заштита од хронични болести и превенција како и способност за вклучување и во рекреативни активности.

Физиолошки бенефиции:

  • Подобрена регулација на нивоата на глукоза во крвта
  • Подобрен сон
  • Зголемена аеробна издржливост
  • Овозможување на функционална независност
  • Зачувување и зголемување на флексибилноста
  • Подобрена рамнотежа и координација

Психолошки бенефиции

  • Редуцирање на стресот, анксиозноста и депресијата
  • Подобрување на когниција
  • Општа релаксација на телото

Социолошки бенефиции

  • Активно учество во општеството
  • Подобрување на социјалните и културните релации
  • Активна соицјализација
  • Кинезиолошки активности како превенција и третман на болести

Освен што кинезиолошките активности го подобруваат општото здравје и функционалната способност и независност истите може да служат и како превенција од болести, меѓутоа може да бидат вклучени и во рехабилитацијата на болести како што се: хронични респираторни болести, деменција, дијабет тип 2, депресија итн.

Деменција

Активностите кај возрасни лица над 70 години го намалува ризикот за појава на Алцхајмер, намалување на прогресијата на опаѓање на когнитивната функција односно подобрување на истата. Кинезиолошките активности ја подобруваат циркулацијата во мозокот, преку активности за издржливост, силов тренинг, одење итн., и кај лица кои страдаат од деменција со лесен до умерен степен. Деменцијата во лесен и умерен степен има нужна потреба од аеробни активности(пешачење, танц), вежби за олеснување на мобилноста, зголемување на подвижноста како и превенција од паѓања.

Хронични респираторни болести

Хроничната опструктивна белодробна болест и астмата се чести наоди кај постарите лица и истите се со висок степен на смртност. Специјализираните програми за рехабилитација вклучуваат вежби за зајакнување на респираторна мускулатура, редовно пешачење, возење велосипед кои значително го подобруваат квалитетот на живот кај оваа категорија на граѓани. Кинезитерапевтските активности го намалуваат ризикот од хоспитализирање и процент на смртност и истите значително може да ја подобрат респираторната функција.

Дијабет тип 2

Меѓу првите стратегии за менаџирање на пациенти со дијабет тип 2 е токму редовното вежбање како суштинска компонентна покрај правилната исхрана и контролирање на стресот. Вежбањето, без разлика дали станува збор за аеробен тренинг или вежби со отпор или комбинација, ја подобрува регулацијата на гликозата.

Кинезиолошките активности исто така може да служат и како превенција од дијабет тип 2. Пешачењето минимум 3 пати неделно, вежбите за издржливост или силов тренинг се доволни за да се намали ризикот од појава на истиот.

Кинезитерапија

Кинезитерапијата е важна алка во физикалната медицина и рехабилитација чиј основен метод на лекување е движењето, односно вежбата. Предностите кои ги нуди кинезитерапијата во однос на другите методи е таа што лицето може активно да учествува во програмата. Кога станува збор за програмите истите може да бидат со индивидуален пристап кон старото лице или во група. Ефикасноста секако е поголема кога постои индивидуално структуирана програма.

Во фазата на староста доаѓа до значителни промени и опаѓање на функциите на сите системи, со најголем акцент на кардиоваскуларниот, респираторниот, нервниот и мускулоскелетниот систем. Преку кинезитерапијата, со нејзина континуирана оптимална примена(3 дена во неделата) благопријатни ефектити се одразуваат на сите системи во телото. Дејството на кинезитерапија врз кардиваскулаторинот систем се одразува со примена на аеробни вежби(пешачење, пливање, дозирано трчање) со тоа што се подобрува функцијата на срцето и неговиот работен капацитет. Во однос на респираторниот систем може и се препорачуваат вежби за дишење(градно, дијафрагмално) од различни почетни позиции, со цел зголемување на белодробниот капацитет.

Од особена важност кај повозрасна категорија на граѓани е рамнотежата, балансот и координацијата. На истите се влијае преку активни вежби од различни почетни позиции со специјализиран адекватен програм согласно способностите на индивидуата. Од друга страна за подобрување на мускулната сила и издржливост се применуваат вежби со отпор, додека за зголемување на зглобната подвижност се практикуваат вежби за мобилност. Во геронтологијата кинезитерапијата е насочена кон задржување на функционалната подвижност, подобрување на истата, а целосниот фокус е насочен кон олеснување на личните секојдневни обврски на индивидуата.

Окупациона терапија

Окупационата терапија е уште наречена работна терапија и истата за разлика од кинезитерапијата е насочена кон подобрување на фините моторни вештини, когнитивните вештини, подобрување на моториката и мускулната сила преку активности од секојдневниот живот. Целта на окупационата терапија е да им помогне на индивидуите да се справат со секојдневните физички, емоционални и социјални предизвици.

Градинарството е еден од моделите на окупационата терапија кои треба да се дел од животот на повозрасната група на лица. Ваквите активности на отворено овозможуваат подобрување на физичкото и менталното здравје како и конекција со природата.

Градинарството претставува форма на вежбање со тоа што го промовира кардиоваскуларното здравје, ја подобрува мускулната сила и флексибилноста на зглобовите. Активностите во градинарството како што се копање, садење, наводнување бараат вклучување на различни мускулни групи, со тоа што активно се влијае врз одржување на мобилноста, подобрување на рамнотежата и координацијата, а со тоа намалување на ризикот од паѓање.

Освен од моторички аспект, градинарството нуди извор на витамин Д, бидејќи ваквиот тип на активности се извршува надвор, а витаминот Д е клучен за унапредување на здравјето на имуниот систем. Од друг страна истото активно влијае и врз менталните функции, стимулирајќи ги истите, преку поттикнување на креативноста и размислувањето активно се влијае врз превенција од когнитивен пад на личноста.

Континуираната имплементација на кинезиолошки активности со адекватен избор  и дозирана примена на истите може да превенира од определени заболувања и да учествува во нивниот третман, како и да допринесе за значително подобрување и унапредување на квалитетот на живеење кај старите лица.

Елена Ефремова, дипломиран физиотерапевт специјализиран за неврорехабилитација